Валтер: Пелистер нема да игра 100% скандинавски ракомет

Новиот тренер на Е. Пелистер, Ларс Валтер денеска пристигна во Битола и го имаше првиот работен ден во таборот на македонскиот вицепрвак. 

Данецот се запозна со раководните луѓе во клубот и со неговиот стручен штаб со кој ќе работи во иднина

„Носам позитивни импресии од почеток. Разговарав со кондициониот тренер, со помошникот тренер и направивме план за во иднина. Изгледа дека исто размислуваме и ќе имаме добра соработка“, вели Валтер.

Тој има познавања за ракометот во Битола, но и за навивачите, кои ги нарече најдобри во Европа. 

„Знам дека во Пелистер ги имате најдобрите навивачи во Европа и познати сте по тоа насекаде. Атмосферата во салата е тема на разговор насекаде. Историски вие сте најголемиот клуб во историјата на македонскиот ракомет. Дури и кога јас бев млад ракометар знаев за Пелистер и за луѓето тука. Едвај чекам да ја почувствувам атмосферата во салата“.

Поранешнот тренер на Флензбург, Висла Плоцк, Порто, Горење, Шафхаузен и многу други вели дека е возбуден од проектот на Е. Пелистер и едвај чека да почне со работа. 

„Работев во Словенија, Полска и Романија и ја сакам пасијата на луѓето. Ако сакате ракометна пасија Еурофарм Пелистер е вистинското место. Тука луѓето знаат ракомет и чест ми е што дојдов тука. Лесно беше да се одлучам. Последните години ми недостигаше оваа страст, оваа атмосфера и посветеноста на градот и клубот за ракометот. Сега имаме шанса да свртиме сè и да го вратиме Пелистер каде што беше. Ова е интересен проект. 

Битолчани нема да играат  целосно скандинавски ракомет, бидејќи новиот тренер има искуство од секаде низ Европа и сака да го вкопонира најдобриот микс во тимот. 

„Мојот стил нема да биде 100% скандинавски ракомет. Работев во многу земји и ќе го земам најдоброто од секаде. Ќе ви ветам дека ќе играме побрзо, но да не го заборавиме квалитетот на балканските играчи. Вие имате многу инвидуални квалитети и моја работа е да извадам најдоброто од вашата култура и да го ставам во микс со другите култури. Кога бев во Словенија беше многу лесно, па верувам дека така ќе биде и тука, бидејќи луѓето знаат да играат ракомет во Македонија. Убеден сум дека ќе најдеме добра солуција“, завршува Валтер. 

Подготовките за новата сезона ќе стартуваат на 20.јули. Главната фаза ќе почне во Маврово на 25 јули. Тимот има многу нови ракометари, но од таборот на Пелистер најавуваат дека ќе има уште неколку нови имиња.