Спектакл кој ќе ја „запре“ планетата“ - Шпанија и Аргентина во битка за светската круна!
Шпанците, кои се актуелен европски првак, ќе атакува на својата втора светска титула, додека Аргентинците, кои се актуелен светски и јужноамерикански шампион, ќе се обиде да стигне до четвртиот трофеј во својата историја.
Финалето носи и посебна приказна. За Лионел Меси ова ќе биде последен натпревар на Светските првенства и можност да испише уште една страница во историјата, освојувајќи втора светска титула – нешто што не му успеа ниту на Диего Марадона. На спротивната страна ќе биде Ламин Јамал, момчето кое многумина го гледаат како наследник на Меси во Барселона и кое ќе се обиде уште на 19 години да стигне до својата прва светска круна.
Шпанците одиграа речиси перфектен турнир. Во шест натпревари примија само еден гол, ремизираа само на стартот против Зеленортските Острови, а во полуфиналето со убедлива игра ја елиминираа Франција. Аргентина, пак, имаше далеку потежок пат до финалето. Светските шампиони се мачеа против Зеленортските Острови, направија голем пресврт против Египет, ја елиминираа Швајцарија по продолженија, а во полуфиналето со спектакуларен пресврт ја совладаа Англија.
„Самото играње во финале на СП е привилегија. Веднаш би потпишал секоја година да играм финале, дури и ако го загубам. Сакаме да победиме, но пред сè ќе уживаме во овој момент. Имаме огромен респект кон Аргентина, која е фантастичен тим со импресивни резултати. Очекувам вистински спектакл меѓу две селекции кои имаат многу сличности. И двете ќе се обидат да ја наметнат својата игра и да дозволат талентот да дојде до израз“, изјави шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте.
Аргентинскиот селектор Лионел Скалони откри дека неговиот стручен штаб детално ја анализирал Шпанија уште од декември, кога се подготвувала можната пресметка во Финалисима.
„Ги разгледавме сите можни сценарија и добро знаеме како играат. Ќе се обидеме да го наметнеме нашиот стил и да ги нападнеме во сегментите каде што сметаме дека се ранливи. Тие сè градат преку поседот на топката, а во тој поглед сме доста слични. Постојат одредени разлики, но суштината на играта е иста. Се надевам дека ќе гледаме одличен фудбал“, порача Скалони.
Вечерва ќе се судрат две фудбалски сили, две различни генерации и двајца играчи кои ги поврзува една необична симболика – легендата Меси и неговиот наследник Јамал. На крајот, само еден од нив ќе ја подигне најпосакуваната фудбалска круна.