Кошарката во Македонија има иднина: Пешиќ едуцираше рекорден број тренери во Скопје
Во фокусот на дводневната клиника, која се одржа во салата „Лазар Лечиќ“, беа современите тренерски методи, развојот на младите кошаркари, тимската и индивидуалната игра, но и односот меѓу тренерот, родителот и спортистот. Посебно внимание привлече присуството на Светислав Пешиќ, еден од најголемите европски тренерски авторитети. Искусниот стручњак пред македонските тренери говореше на темите „Дефанзивна транзиција“ и „Позициона одбрана“, пренесувајќи дел од своето огромно знаење и искуство стекнато во богатата тренерска кариера.

Своето место во програмата го имаше и селекторот на македонската сениорска репрезентација, Хосе Мариа Берокал, кој предаваше на тема „Офанзивна транзиција“. Саша Грузиќ, пак, одржа две предавања посветени на развојот на офанзивната тимска игра и индивидуалните офанзивни вештини кај младите кошаркари, со посебен акцент на развојниот период од 10 до 18 години.
Важен дел од клиниката беше посветен и на психолошкиот и правилниот развој на младите спортисти, односно на односот тренер–родител–спортист и начинот на кој може да се изгради поголема самодоверба кај младите кошаркари. Судиската комисија при КФМ ги презентираше и новитетите во Официјалните кошаркарски правила, кои стапуваат во сила од 1 октомври 2026 година, со што тренерите добија можност навремено да се запознаат со промените.

Квалитетот на предавачите и темите резултираше со досега најголема посетеност на една ваква тренерска клиника во организација на КФМ. Настанот уште еднаш покажа дека во македонската кошарка постои сериозен интерес за дополнителна едукација, размена на искуства и следење на современите европски и светски трендови. Од Куќата на кошарката најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со организација и поддршка на вакви едукативни настани, со цел унапредување на тренерската струка, подобрување на условите за развој на младите кошаркари и подигнување на квалитетот на македонската кошарка.
