„Тоа за Вујо се шпекулации, мене ќе ме сменат само резултатите“

Кога Михајло Михајловски потврди дека го презема Вардар, неминовно се разбудија од сон шпекулациите дека Веселин Вујовиќ повторно ќе биде негов адут на клупата. Меѓутоа, старо-новиот сопственик веднаш го демантира тоа, а сега и самиот Стевче Алушовски рече дека нема простор за такви шпекулации.

Актуелниот тренер на Вардар вели дека ја има потполната доверба на Михјало Михајловски и дека, ако воопшто дојде до негово сменување од тренерската позиција, тоа би го направиле резултатите, како што, впрочем и треба да важи за кој било тренер и во кој било спорт.

„Мислам дека сето она што се пишуваше по порталите, по медиумите кажа и претседателот дека тоа се само шпекулации. Јас ја имам потполната доверба, јас сум оној којшто, заедно со претседателот, ја составуваше оваа екипа. Мене како тренер и секој еден тренер ќе го држат во екипата само резултатите. Друго можеме да зборуваме што сакаме. Јас со Михајловски имам уште од 2000 година кога дојдов во Вардар и останав 10 години имам фантастични релации, така што не би сакал да коментирам за некакво доаѓање на Веселин Вујовиќ. Вујо е пред сè мој голем пријател, така што нема зошто да се шпекулира со нешто.“, се изјасни Алушовски.

Тој дојде на тренерската позиција во јануари и тимот не се изнаигра многу под негово водство од надворешни фактори, пред се финансиски и здравствени. Овој вардар, со овие нови играчи, практично ќе му биде вистинската шанса за демонстрација на тренерското умеење.

Шпекулациите за враќање на Вујовиќ се јавија уште кога Михајло го презеде Вардар, потоа стивнаа кога претседателот демантира, но повторно се активираа со пишувањата дека Вујо би дошол на позиција настрана од тренерската, како на пример спортски директор.