Вардар ја исполни својата обврска во шестата плеј-оф рунда од ракометната Суперлига со убедлива победа против Тиквеш во „Јане Сандански“, со 35-25.

За високиот триумф на Вардар потребна му беше најдобрата постава во 20-тина минути од второто полувреме. Тоа беше периодот во кој актуелниот лидер ја создаде целата предност, откако првото полувреме беше рамноправно, со по 15 гола и во двете мрежи.

Иако Вардар почна посигурно и со водство од 5-2 и 6-3, сепак, Владо Недановски им даде минути на ракометарите кои почесто се на клупа и Тиквеш успеа да го сврти резултатот. Со серија од 3-0 поведе со 12-10 во 21. минута, колку да го предупреди фаворитот дека бодовите нема да стигнат лесно.

Сепак, во второто полувреме Талески, Манасков, Моралес ја презедоа одговорноста и Вардар некаде по 50. минута имаше 30-20. Во тој период врза четири невозвратени гола или една серија од 10-2, додека Тиквеш правеше грешки и овозможуваше лесна реализација од контра. Георгиевски и Манасков со по шест гола беа најефикасни, а Томовски имаше 14 одбрани. Хамзиќ и Симиќ со по пет гола го предводеа Тиквеш, а голманот Брауновиќ застана на осумте одбрани од првиот дел.

 

СУПЕРЛИГА ПЛЕЈ-ОФ 6. КОЛО

Пелистер 2 - Алкалоид 30-35

Вардар - Тиквеш 35-25

Бутел - Пролет

Пелистер - Охрид (утре)

ТАБЕЛА: Вардар 21, Пелистер 15, Алкалоид 15, Тиквеш 10, Бутел 4, Пелистер 2 4, Охрид 3.