Талески уште не го облече дресот на Вардар, а веќе ги налути Комити (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Филип Талески дефинитивно ќе биде големо засилување за Вардар во новата сезона, но пред првпат воопшто да го облече црвено-црниот дрес макар и на тренинг се најде во ситуација да биде напаѓан на социјалните мрежи од навивачите на актуелниот европски шампион.

Причина за тоа е видеото кое денеска почна да се споделува на Фејсбук, на кое се гледа како Талески заедно со уште неколкумина колеги од националниот тим на приватна забава на цел глас пее песна за најлутиот ривал на својот нов клуб Металург. Левиот бек е во друштво на Мартин Томовски, Филип Кузмановски и Жарко Пешевски, со кои одлично се забавува додека заеднички, со висок тон, ги повторуваат стиховите од „Металург, ти си шампион“ од Кристина Арнаудова.

Реакциите на вардаровите навивачи во коментарите под видеото се жестоки, иако постои можност тоа да е снимено пред Талески да потпише договор со тимот од „Јане Сандански“. Дури и да е така, македонскиот репрезентативец на потежок начин ќе научи дека носи дрес на голем клуб, зад кој стои армија верни навивачи и дека треба да внимава ама баш на секој потег и најмал гест на теренот, но и надвор од него.

Талески, Томовски, Кузмановски и Пешевски се поранешни соиграчи токму од Металург, што треба да биде своевидно објаснување за заедничкото пеење на химната на тимот од Автокоманда.