Стоилов и Бутел конечно се израдуваа на победа во Суперлигата

Ракометарите на Бутел Скопје ја прекинаа серијата без победа во домашниот шампионат, откако на гостински терен го совладаа Мулти Есенс со 31-29.

Бутелчани имаа предност од два гола по првото полувреме (15-17), но домаќините се вратија во игра и на почетокот од вториот дел го презедоа водството.

Мулти Есенс во 45. минута стигна и до највисоката предност од три гола (24-21), но избраниците на Стојанче Стоилов не се предадоа. Со подобра игра во завршницата, гостите успеаја да го израмнат резултатот на 27-27 во 55. минута.

Следуваше неизвесна завршница, во која Бутел покажа поголема концентрација и во последните минути направи клучна разлика. Гостите поведоа со 30-28, а потоа ја потврдија првата победа сезонава.

Дамјан Субашевски беше најефикасен во победничкиот состав со осум погодоци, додека Лука Јовиќ постигна седум. Кај Мулти Есенс, Јован Петрески исто така се истакна со осум гола.