За да се спаси Тиквеш од заслужената казна за Висдом, се прави ептен непринципиелна коалиција!?

Случајот со Окере Висдом добива сè посериозни димензии, а последиците за ФК Тиквеш би можеле да бидат многу поголеми од елиминација од Купот на Македонија. Кавадаречкиот прволигаш, по сериозните пропусти поврзани со документацијата на својот фудбалер, сега се наоѓа пред дисциплинска постапка чиј исход може значително да влијае и врз неговата позиција во домашното првенство.

Како што веќе беше објавено, Висдом настапи на куп-дуелот против Вардар со медицински документ кој, според информациите со кои располага јавноста, бил издаден за друг фудбалер.

Станува збор за пропуст кој отвора сериозни прашања за начинот на кој клубот ја водел документацијата, но и за контролата при пријавувањето и исполнувањето на условите за настап на играчите.

Ова не е административна грешка од занемарлив карактер. Регуларноста на натпреварувањето подразбира дека секој клуб мора да ги исполнува истите услови, а медицинската документација е еден од основните предуслови за легален настап на фудбалерите. Доколку надлежните органи ги потврдат неправилностите, Тиквеш може да се соочи со елиминација од Купот, но и со дополнителни дисциплински мерки, вклучително и одземање бодови во првенството, доколку се утврди основа за таква санкција.

Но, покрај самиот случај, сè погласни стануваат и прашањата за случувањата зад сцената.

Во фудбалските кругови се отвора дилемата дали раководството на Тиквеш веќе се обидува да најде начин да ги ублажи последиците од случајот и дали во таа насока се бараат и надворешни - политички влијанија.

Особено внимание привлекува релацијата меѓу градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој е кадар на владејачката партија и Герасим Лазов, партиски функционер на опозициската СДСМ, кој во изминатиот период се наметна како еден од најгласните критичари на актуелното раководство на Фудбалската федерација на Македонија.

Дали нивното познанство и блискост, кои во јавноста се поврзуваат и со заеднички настапи, дружби и ноќни искачанки, имаат каква било врска со обидите да се влијае врз исходот на дисциплинската постапка против Тиквеш? Дали станува збор за обична политичка и лична комуникација или, пак, зад неа постои обид да се обезбеди поповолен третман за кавадаречкиот клуб?

Ова се прашања на кои засега нема официјален одговор. Сепак, нивното отворање е неизбежно во момент кога еден клуб се соочува со можни сериозни последици, а во исто време во јавноста се создава впечаток дека се бараат канали за интервенција надвор од вообичаените спортски процедури.

Лазов, во меѓувреме, со своите јавни настапи и објави на социјалните мрежи стана препознатлив по острите критики кон ФФМ и претседателот Масар Омерагиќ. Дел од неговите тврдења предизвикаа реакции во спортската јавност, а неговата политичка позиција дополнително ја актуелизира дилемата каде завршува легитимната критика на фудбалските институции, а каде почнуваат политичките интереси.

Сега, кога Тиквеш се најде во сериозен проблем, секој евентуален обид за влијание врз дисциплинските органи би бил особено чувствителен. ФФМ мора да покаже дека правилата не се применуваат селективно и дека ниту еден клуб, без оглед на неговите функционери, политички контакти или локална моќ, не може да добие поинаков третман од останатите.

Според информациите со кои располагаме, евентуалните обиди за ублажување на последиците нема да наидат на позитивен одговор, а надлежните органи треба да ја донесат одлуката исклучиво врз основа на правилниците и утврдените факти.

Случајот „Висдом“ така станува многу повеќе од прашање на еден фудбалер и еден спорен медицински документ. Тој ќе биде тест за дисциплинскиот систем во македонскиот фудбал, за независноста на институциите и за подготвеноста правилата да важат подеднакво за сите.

Тиквеш има право на одбрана и на фер постапка. Но, доколку се утврди одговорност, таа мора да биде санкционирана без политички калкулации, лични пријателства или обиди за привилегирање.