Металург не доцнеше премногу зад своите два ривала на македонскиот ракометен мегдан и го одбележа првиот собир во комплетен состав, пред почетокот на новата сезона.

Тренерот Зоран Кастратовиќ денеска првпат ги внесе во својата тренинг-шема Момир Рниќ, Златко Хорват, Марко Тарабокија, Никола Потиќ и Бранко Канкараш, петте нови ракометари, кои даваат и тоа како сериозна црта во имиџот на Металург. Покрај нив, пристигнаа сите странци, па Металург беше комплетен, иако Кастратовиќ и домашните ракометари веќе ја кренаа завесата. Во претходните седум дена работеа во помали групи, оние што веќе беа во Македонија. 

Металург ќе работи во својата сала и ќе се подготвува се до 12 август, кога ќе го има првиот тест, на Струшкиот турнир, на кој оваа година ќе учествуваат сите најдобри македонски екипи. Тоа би било некое прво мерило за силата на овој подновен Металург, кој ќе ја почне сезоната рано во септември, со првото квалификациско коло во Европската лига на ЕХФ.