Скопје ќе биде домаќин на завршните турнири во ракометниот Куп

Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) вчера одржа седница на која ги одреди премиите за сениорските репрезентации, но и го одреди местото за одигрување на завршните турнири во македонскиот Куп.

РФМ одлучи домаќин на Ф4-турнирите да биде СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје во период од 17 до 19 мај.

„Се усвои информацијата доставена од страна на Натпреварувачка комисија за организација на финалниот турнир од македонскиот ракометен КУП 2024 во машка и женска категорија, и истиот ќе биде организиран во Скопје во спортскиот центар Борис Трајковски во период од 17-ти до 19 мај 2024 година“, соопшти РФМ.

На завршниот турнир во машка конкуренција ќе играат Вардар, Пелистер, Тиквеш и Алкалоид, додека во женска конкуренција ќе се соочат Куманово, Ѓорче Петров, Чаир и Вардар.