РК Радовиш ги избрка тренерот и капитенот, двајцата си основале - нов клуб!
Паралелно додека биле членови на РК Радовиш, двајцата тајно основале нов ракометен клуб во градот. Откако раководството дознало за тоа, следувал логичен потег.
„Ракометниот клуб Радовиш ја информира јавноста дека досегашниот тренер Спасе Георгиев и капитенот на екипата Здравко Постолов повеќе не се дел од клубот.
Ваквата одлука е донесена поради нивното дејствување како основачи на нов ракометен клуб во градот, реализирано на начин што РК Радовиш го оценува како неетички, нефер и спротивен на основните спортски принципи.
Со оваа постапка е нанесена директна штета врз угледот и интегритетот на клубот, кој со години вложуваше значителни ресурси и доверба во нивниот развој како спортисти и професионалци.
РК Радовиш, како клуб со долгогодишна традиција и значајно место во Супер лигата, нема да толерира дејствија што го нарушуваат неговиот кредибилитет и вредносен систем.
Во иднина, клубот ќе продолжи да делува принципиелно, со јасна определба за заштита на сопствените интереси и зачувување на угледот.
РК Радовиш“, стои во соопштението.