Ракометот ќе почне во полн состав, извлечени групите во Прва и Женска лига

Во просториите на РФМ денеска беа извлечени групите за новата сезона од Првата машка лига, како и распоредот за Женската лига за сезоната 2020/21.

Во Прва лига ќе се натпреваруваат 16 екипи, поделениво две групи (А и Б) со по осум екипи. Во ждрепката, слично како при влечењето за Суперлигата, екипите беа поделени по квалитативни „шешири“, од најслабиот, до најсилниот во кој беа носителите Вардар Неготино и РК Аеродром. Аеродромци имаа повеќе среќа и добија, релативно, полесна група, додека Вардар од Неготино ќе мора да го докажува фаворитскиот статус во потешката, група Б.

Откако екипите во секоја група ќе одиграат 14 кола (секој против секого дома и на гости), според пласманот ќе се оформат плејоф и плејаут групи, за пролетниот дел од сезоната. Првите четири од двете групи ќе продолжат во плејоф, т.е. во борба за влез во Суперлигата, а оние од 5. до 8. место ќе одат во плејаут-фазата. И во овој втор сегмент од првенството ќе се играат 14 кола, секој против секого дома и на гости, за на крај првопласираниот во плејоф-фазата, да игра бараж за влез во Суперлигата против второпласираниот од плејаут-фазата во Суперлигата.

Натпреварите почнуваат на 19 септември.

Во женската лига, пак, ќе има 13 екипи групирани во едноставен лигашки систем во една табела и секој ќе игра против секого двокружно. И овде натпреварите стартуваат на 19 септември.