Ракометна легенда од Велес се бори за живот, потребни се - 20.000 евра!

Поранешниот ракометар и тренер на РК Борец, Тони Шопов и по завршувањето на кариерата го игра најважниот натпревар - за животот. Во последниве три години тој успешно се бори со тешка дијагноза, но сега стигна до точка од која може да се продолжи само со помош.

Семејството на Шопов апелира за парични донации за да може да го продолжи лекувањето, кое досега му го одржувало животот. Станува збор за терапија, која ја нема во нашата земја, а Шопов ја правел во Турција. Чини 20.000 евра, а со оглед дека тој и неговите блиски веќе потрошиле 35.000 евра за да му го спасат животот, сега се обраќа до јавноста и до хуманите луѓе.

Тој досега имал еден оперативен зафат, откако првпат бил дијагностициран рак на левата страна од дебелото црево, но нешто подоцна му биле отстраниети левиот уретер и бубрег. Пред и по операциите постојано бил на хемотерапии и на радиотерапијата во Турција, која и сега му е потребна.

„Драги сограѓани, пријатели, познаници и добри луѓе... Апелираме да ја покажете вашата хуманост на дело, секогаш е добро време да се направи добро дело“, повикуваат од неговото семејство во објавата на Фејсбук, која ја споделија многу лица од македонскиот ракомет.