
Пролет е првиот учесник на Ф4-турнирот во ракометниот Куп на Македонија
Тие го искористија домашниот терен, во салата „Македонско сонце“, да ја освојат групата 2, совладувајќи го Пелистер 2 во финалето, со 30-26.
Изедначено беше речиси, 25 минути, кога важеше резултатот 10-10. Тоа беше само попатна станица во процесот на пресврт на Пролет, бидејќи имаше тесна негатива дотогаш. На пауза замина со водство од 14-12, а уште на стартот на вториот дел му покажа на противникот од Битола дека задачата ќе биде тешка.
Прво направи серија од 4-0 за да поведе со 20-15, а потоа врза уште три гола за највисоки 23-16 во 44. минута. Пелистерци само ја намалија негативата, но не успеаја поопасно да се доближат. Најдобар поединец на теренот беше Мартин Ивановски од Пелистер 2 со осум гола, сите од игра, а седум додаде Ненад Белистојановски, исто така од поразената екипа. Кај победниците, најефикасен беше Мартин Димов со седум гола, шест од седум од пенал-линијата имаше ветеранот Дејан Пецаковски.
Пролет е првиот учесник на Ф4-турнирот во Купот на Македонија, а останатите три ќе ги донесат победниците на Тиквеш - Пелистер, меч кој се игра вечерва и Вардар Неготино - Алкалоид и Вардар - Скопје.