„Министерот за одбрана“ ќе биде втор министер за спорт во историјата на Македонија!

По пауза од две ипол децении, Македонија добива Министерство за спорт кое ќе има задача да донесе напредок во македонскиот спорт, кој не е на некое завидно ниво во последните години.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и нов премиер на Владата, Христијан Мицкоски помеѓу останатите министри го потврди и министерството за спорт најавувајќи и дека Борко Ристовски, кој во играчките денови го имаше прекарот „Министер за одбрана“, ќе застане на чело на ова ново министерство.

„ Борко Ристовски ќе биде на чело во новото Министерство за спорт“, потврди Мицкоски.

Досега во Македонија функционираше Агенцијата за Млади и Спорт, останува да видиме какви промени ќе донесе новиот систем предводен од поранешниот голман на македонската репрезентација. Ристовски во овој момент извршува и функција во раководството на РК Вардар. Претходно, единствен министер за спорт беше Георги Боев, кој беше дел од владиниот кабинет на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски формиран во 1998 година.