Пелистер се збогуваше со четворица ракометари: Битола секогаш ќе биде ваш дом!

Eкипата на Пелистер денеска се збогуваше со четворица ракометари кои наредната сезона нема да бидат дел од битолскиот клуб.

Пелистер го напуштаат Илија Абутовиќ, Усама Хосни, Богдан Радивојевиќ и Домен Тајник, сите со пелистерци освоија две титули шампион на Македонија и еден Суперкуп.

„ Спортските разделби се емотивни, посебно кога се последица на нови проекти, нови почетоци, нови предизвици. Но, кога веќе мора и треба да се случат - ќе ги паметиме многубројните добри спомени, освоени трофеи, постигнати голови, склучени пријателства. Битола и Пелистер ви е благодарен од срце и наклон до под! Нашиот дом секогаш ќе биде и ваш дом“, порачаа од Пелистер.

Ќе потсетиме, Пелистер сезонава остана без титула на домашна сцена откако купот и првенството ги освои најголемиот ривал на битолчани, екипата на Вардар.