Македонија на тест против БиХ – да се претставиме во добро светло на Кошево!

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва од 20:30 часот ќе излезе на теренот на стадионот на Кошево во натпреварот против Босна и Херцеговина.

За домаќинот ова ќе биде дуел како дел од подготовките за Светскот опрвенство на кое се враќаат по 2014 година и Мундијалот во Бразил. Македонија пак има можност да тестира, а новиот селектор Гоце Седлоски и да воигрува одредени комбинации пред предизвиците кои ќе следат.

Според најавите од босанските медиуми нивната најголема ѕвезда, Един Џеко ќе биде на теренот, кај нас капитенот Енис Барди се појави на собирот, но отпадна пред два дена поради повреда.

На списокот на Седлоски за овој и дуелот со Турција за три дена се најдоа и петмина дебитанти кои се очекува да добијат шанса да се докажат. Азер Омерагиќ, Дарко Додев, Дарко Анѓелески, Дин Аломеровиќ и Давор Талески денеска ќе чекаат своја шанса за деби настап.

„Сакаме да се докажеме и тимски и резултатски. Најважно е да излеземе на терен и да одиграме најдобро што можеме. Ќе дадеме максимум, а нека победи подобриот. Ние сме фокусирани на нашата игра и на тоа како ќе ги одиграме овие 90 минути, но и Босна сигурно има мотив да се покаже во добро светло пред своите навивачи.

На Босна и Херцеговина ѝ посакувам успех на Светското првенство. Заслужуваат честитки, ја елиминираа Италија, исто како што и ние тоа го направивме во претходниот бараж. Но, сега следуваат нови предизвици и постојано мора да се докажуваме.

За нас нема пријателски натпревари. Секогаш излегуваме на терен со желба да се претставиме во вистинско светло и да победиме. Сакам на најдобар можен начин да се подготвиме за Лигата на нациите. Се надевам дека ќе бидеме поефикасни во нападот“, најави селекторот Седлоски на вчерашната прес-конференција.

Македонија ќе потсетиме, по овој дуел веднаш ќе патува за Истанбул каде што в понеделник на 1 јуни ќе играме против Турција која исто така е учесник на Светското првенство.