Македонката Ацевска од денеска е најдобра во џиу-џицу во - цел свет!

Со добрите настапи во изминатите години Македонката Катерина Ацевска дојде до фантастичен подвиг и од денеска е најдобро рангирана натпреварувачка во џиу-џицу во целиот свет во својата категорија.

Ацевска го презема тронот во категоријата сениори над 70 килограми и зад себе остави 70 борци од 30 различни држави.

Задоволството од успехот на Ацевска не го криеја и од  Џиу-џицу федерацијата од каде што порачуваат дека ова е резултат кој доаѓа по многу напорна работа во изминатите 15 години.

„Овој резултат доаѓа после 15 годишна напорна работа и посветеност, многу вложување и многу откажување.  Многу пролеана пот и крв, многу поминати тренинг кампови, многу повреди, преживеани судиски неправди, непреспиени ноќи, финансиски кризи.

Една цела младост…

Овој резултат доаѓа после многу поминати турнири, после многу освоени медали.

Учества и освојување на медали на Светски првенства, учества и освојување на медали на Европски првенства, ГрандПри турнири, Балкански првенства…

Незастануваме тука, ќе се обидеме што подолго да го задржиме првото место. Ова за нас ќе биде голем мотив но и обврска уште појако да го одиме овој пат наречен џиу џица.  Тоа е нашата мисија, тоа е нашиот живот“, порачуваат од федерацијата.

фото: Македонска Џиу - Џица Федерација