Михајло: Јас Вардар засекогаш ќе си го сакам, ама да се вратам - не!

Екипата на РК Вардар за точно 30 дена ќе ја отвори новата сезона во Лигата на шампионите, на гости кај европскиот владетел Монпелје, а околу него сѐ уште струјат прашалници поврзани со егзистенцијата и сопственикот на клубот. Сергеј Самсоненко крена раце од ЖРК и од ФК, а во машката екипа на Вардар ги држи уздите, но до кога? Како една од можните алтернативи се споменува и поранешниот сопственик и спонзор, Михајло Михајловски, а Спорт1 го праша колку е веројатно ова сценарио.

Михајловски, сепак, нема интерес да се врати активно во РК Вардар. Тој остана во ракометот и понатаму, бидејќи со години ја извршува функцијата претседател на СЕХА-лигата, но товарот и привилегиите, кои истовремено ги носи управувачката позиција во еден клуп - не му се привлечни.

„Моето помина во Вардар, не размислувам за враќање. Јас си го сакам Вардар и тоа засекогаш ќе остане така, меѓутоа да се враќам на чело на клубот - не“, вели Михајловски.

Меѓутоа, вистина е дека „Кале“ ќе се врати под негово владение.

„Ние и понатаму сме концесионери на ‘Кале’, Самсоненко имаше само договор. Кога ќе му истече договорот повторно ќе се врати под наша концесија“, објасни Михајловски.

Самсоненко го презеде Вардар од него во 2013 година, а дотогаш Михајловски го водеше повеќе од деценија и пол. Во тој период клубот осум пати стана шампион на Македонија и освои осум трофеи во Купот, а имаше и забележителни настапи на меѓународна сцена, сепак, со далеку посимболична улога од оваа на актуелниот Вардар.