Самсоненко крева раце од сè? ФК и ЖРК Вардар одат кај Град Скопје, се враќа - Михајло!

Империјата на Сергеј Самсоненко полека се ронеше, но изгледа, дојде до последната фаза од постоењето, барем под негова власт.

Според информациите на Спорт1, сите клубови и објекти кои ги градеше или менаџираше Самсоненко ќе бидат „раскрчмени“. За ФК Вардар веќе било договорено примопредавањето, потврди неодамна и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, а неразделен дел со клубот е и модерниот тренинг-камп во Хиподром, кој исто така ќе оди кај Град Скопје.

Во градска сопственост ќе премине и женската ракометна гордост, која згасна по петгодишен престој во елитна Европа. Откако остана без големите ѕвезди, клубот продолжи да функционира, но со младинки, единственото опипливо наследство од не баш продуктивната работа во вардаровите школи. 

Кога Самсоненко се вгнезди во спортското семејство Вардар, во негова сопственост падна и СРЦ „Кале“, некогашниот единствен дом на ракометните клубови. Нашите информации велат дека овој храм на македонскиот ракомет (ќе) се врати во сопственост на Михајло Михајловски, човекот кој го држеше РК Вардар пред доаѓањето на Самсоненко.

На тој начин се крева прашањето, дали Михајло би се нафатил да го врати и машкиот клуб, единствениот чија иднина останува нејасна. Овој Вардар, спореден со тој на Михајло од пред шест години и порано е „малку“ поскап, па тоа и не е најпријатен товар за туку така да се нарами. Самсоненко, наводно, ветил дека и за РК ќе најде спонзор и ќе го згрижи пред и него да го пушти од прегратката. 

Клубот почна во нормални околности, на редовната рута за подготовки, Крањска Гора, а пред некој ден се врати од првиот од двата планирани подготвителни турнири во странство. Делува дека има концидија да ја заврши сезоната и подобро да е така бидејќи спротивното сценарио не е милостиво по македонскиот ракомет

Михајло или некој друг, навивачите и публиката нема да замеруваат, сè додека има атрактивни натпревари, големи противници и резултати. Кај ФК и ЖРК Вардар овие квалитети успешно избледеа во последниве месеци, па кој знае  какво чудо ќе треба за машкиот ракометен тим да остане достоинствено на нозе.

Единствена непозната е судбината на Академијата на Вардар, која е стационирана веднаш до Арената „Филип Втори“, каде што тренираат надежите на црвено-црниот клуб, како и салата „Јане Сандански“, која Самсоненко ја доби на користење на 30 години, а ја изгради со јавно-приватно партнерство со општина Аеродром.