Металург се засили со репрезентативец на Белгија

Поранешниот македонски шампион Металург објави попладнево дека тимот се засилил со репрезентативецот на Белгија, Арбер Ќерими, кој во Автокоманда доаѓа од француски Сесон.

Станува збор за играч на позицијата среден бек, кој е најдобар ракометар на Белгија. Ќерими има 28 години, висок е 180 сантиметри и тој веќе пристигна во Скопје и замина експресно во Маврово за да им се приклучи на соиграчите на подготовките за новата сезона.

Овој ракометар му е добро познат на новиот тренер на Металург, Данило Брестовац и се очекува брзо да се вклопи во екипата. Дебито би требало да го има на 18 август во Струга, во суперкуп мечот со првакот Вардар.

Металург од денеска почнува со работа во Маврово, а во екипата се врати и хрватскиот репрезентативец Халил Јагањац, кој беше најдобар стрелец во СЕХА-лигата во минатата сезона.