Металург одигра машко финале, но Вардар ја спои двојната круна!

Вардар додаде уште еден пехар во својата ризница, број 13 од ракометниот Куп на Македонија, откако во финалето го надигра Металург со 30-26.

За среќа на ракометните фанови, овој натпревар личеше на дерби, Металург беше конкурентен, на моменти и реална закана за европскиот првак, сепак, на крај без капацитет да направи сензација.

Меѓутоа, неизвесноста беше доволна трајна за финалето да биде атрактивно. Металург во добар процент од првото полувреме водеше, последно некаде пред 20. минута, кога направи серија од 3-0 и поведе со 8-7.

Зоната 5-1 на Вардар не беше толку ефективна, па Металург умееше да држи резултатски чекор, дури и кон крајот на полувремето, кога изгелдаше дека Вардар го скрши ривалот. Мартин Томовски имаше голем удел во тоа на голот, па на паузата резултатот застана на 14-12 за Вардар.

Почетокот на второто полувреме беше периодот кога Вардар ја направи разликата за победа. Александар Јовиќ се обиде со игра „7 на 6“, но неговите ракометари направија неколку грешки, а вардарци на празен гол заминаа на плус шест (24-18), па и до највисоките 27-20 пред да почнат завршните 10 минути.

Тогаш дојде едно исклучување за Вардар, како повод Металург да направи завршен налет. Томовски повторно се разбрани, вардарци шест минути не можеа да постигнат гол, сепак разликата не падна под четири гола. Тимур Дибиров беше најефикасен вардарец со шест гола, Јагањац и Кузмановски броеја до седум кај Металург.

Ова е 13. пехар за Вардар во Купот на Македонија, петти едноподруго. Металург остана на пет, а последниот го освои во 2013 година.