Идната сезона Вардар ќе игра без странци?!

Пред РК Вардар претстои уште едно мачно лето од финансиска гледна точка и затоа се очекува драстичен пресек на играчкиот кадар во клубот.

Спорт1 дознава дека македонскиот шампион ќе се ослободи од мнозинството странски ракометари во својот ростер. Во прв ред тука се играчите кои потпишаа и беа промовирани како нови ракометари на скопската гордост, но изгледа нема да дочекаат да го облечат дресот. Такви се пред сѐ португалскиот лев бек Жилберто Дуарте и словенечкиот десен бек Нејц Цехте, кои требаше да дојдат од двете најсилни превенства во Европа, од тимовите на Монпелје и на Хановер и би претставувале неподнослив финансиски товар.

Исто така, чистката може да фати и дел од играчите кои и минатата сезона беа во клубот, како Дарко Ѓукиќ и Јан Чувара. Кубанецот Куни Моралес потврди дека останува, но прашање е дали таа одлука ќе остане иста по новонастанатата ситуација.

Вардар се соочува со санкции од ЕХФ поради застарени долгови, од времето на Сергеј Самсоненко и поради тоа се очекува да му биде забранет настапот во Лигата на шампионите, во претстојнава сезона. Во ваква ситуација се најде и минатата година, кога мораше да плати депозит од 300.000 евра за да игра, па овој јуни се случило, практично „дежаву“.

ЕХФ повторно барал гарнација, но сега од уште повисока сума, за која рокот за плаќање бил 15 јуни. Вардар ги уплатил бараните средства, иако со неколкудневно задоцнување, сепак од ЕХФ немало знаци на добра волја.