
Вардар плати 700.000 евра на ЕХФ - финансиски е чист!
Првиот човек на клубот Михајло Михајловски потврди дека патот на Вардар е чист и дека финансиските проблеми се минато. Поранешниот сопственик Сергеј Самсоненко го подмирил својот долг и со негови пари е покриена гаранцијата во ЕХФ.
„Имавме еден хендикеп и доста нервози кога ЕХФ соопшти за условот за еден милион евра. Има тројца поранешни играчи кои пријавиле во ЕХФ и оттука потекнува сето тоа. ЕХФ инсистираше на некоја нивна идеја застарена да уплатите милион како депозит со кои ќе покриеле трошоци, јас тоа го нарекувам мртви пари. Заедно со господинот Сергеј Самсоненко и со ЕХФ постигнавме договор, да Вардар уплати 700.000 евра со кои ќе бидат исплатени играчите и уште триста илјади како депозит во ЕХФ. Мојата улога беше повеќе да го договорам тоа, а господинот Самсоненко си ги обезбеди средствата и сега имаме чиста ситуација и чист пат пред себе. Меѓутоа проблемот со ЕХФ нѐ кочеше, некои спонзори беа резервирани и чекаа да се разреши целата ситуација“, изјави претседателот на клубот.
Михајловски вели дека поразот од лутиот ривал Еурофарм Пелистер во Супер купот ги заболел сите во клубот, но сега се фокусира на она што му претстои на Вардар.
„На минатиот прес кажавме дека оваа екипа е 30 отсто посилна од лани и понатаму стоиме на тоа. поразот од E. Пелистер на Супер купот нѐ боли, ама не нѐ загрижува многу. Имаме нови играчи кои треба да се воиграат. Во Струга одигравме добро, задоволни сме, а сега одиме во Магдебург на турнир“, додаде првиот човек на Вардар.