Гаџа потврди дека доаѓа во Вардар: Не се одбива европскиот првак!

Хрватскиот ракометар Анте Гаџа во интервју за хрватските медиуми кажа дека го напушта ППД Загреб и се сели во Македонија, односно во екипата на актуелниот европски шампион Вардар.

Гаџа потпишал договор со македонската екипа на две години, како што се шпекулираше и претходно, па без сомнеж ќе биде големо засилување за Вардар.

„Вардар по заминувањето на Сташ Скубе бараше некој на моја позиција. Се јавија кај мојот менаџер кој ме праша дали сакам да потпишам со нив и јас прифатив. Кажав дека би сакал да играм за нив затоа што се европски шампиони и тоа е чекор напред во мојата кариера. Се надевам дека Вардар ќе биде тој стариот. Многу ракометари останаа и ги продолжија договорите, па така се надевам на успешна сезона и дека ќе ги исполниме целите на новиот газда“, кажа Гаџа.

Ракометарот кажа дека немал никакви проблеми при разделбата со хрватскиот тим, кој се соочува со финансиски проблеми во моментов.