Двајца позитивни на корона во Еурофарм Пелистер 2

Нема крај на проблемите во македонскиот ракометен шампионат. Сезоната засега е во мирување и беше најавен рестарт следната недела, но денеска се појави нов проблем со оглед на тоа дека во Еурофарм Пелистер 2 има двајца позитивни случаи на коронавирус.

Откако двајца ракометари дознале дека се позитивни на ковид-19, веднаш останатите играчи и членови на стручниот штаб се тестирале и ги очекуваат резултатите.

Екипата од Битола соопшти дека сè зависи од резултатите на новите тестирања, по што ќе бидат познати следните чекори на клубот.

Доколку нема други позитивни на корона, тогаш само двајцата ракометари ќе бидат изолирани, а екипата ќе продолжи нормално со тренинзи. Но, доколку има повеќе случаи, тогаш ќе заминат сите во екипна изолација.

Е. Пелистер 2 е дел од групата Б во македонската Суперлига, го која екипите стигнаа да одиграат четири кола пред да бидат прекинати поради коронавирусот. Вториот тим од Битола досега двапати победи и двапати загуби.