Фабијани: Рига не беше подобра, нашите грешки беа клучни за поразот

Македонскиот првак Вардар е во многу комплицирана ситуација по првиот дуел од двомечот против Рига, во второто квалификациско коло за Конференциската лига.

„Црвено-црните“ загубија на домашен терен со 2-3, па идната недела во Летонија ќе бркаат резултат што ги води во следната фаза од натпреварувањето на УЕФА. Тренерот Кристијан Фабијани ги пофали своите играчи, но призна дека неговите и грешките на фудбалерите на Вардар го одредиле победникот.

„Чувствата се измешани, игравме добро до тие грешки кои сами ги направивме и поради кои на крајот изгубивме. Вардар денеска доминираше во однос на ривалот, игравме одличен фудбал, но грешките кои ги направивме скапо ги плативме. Според мене Вардар одигра подобар од натпревар од двата дуели со КуПС.

Ова беше натпревар против одличен противник, покажавме дека и така можеме да бидеме подобри, ако ги поправиме грешките, верувам дека можеме да дојдеме до позитивен резултат на гостински терен. 

Победува екипата која прави помалку грешки, денеска лесно можевме да постигнеме и трет гол имавме неколку прилики на 2-2. Како и цела екипа и одбраната денеска беше солидна, преземам јас дел од одговорноста, како што кажав загубивме поради грешки во одредени делови од натпреварот. 

Сакавме во овој дуел тактички да не менуваме ништо во однос на натпреварот со КуПС, но имавме една повреда, па мораше да менуваме. Тоа што е позитивно е што екипата почна добро да се снаоѓа во тактичките промени на теренот во текот на натпреварот“, рече тренерот на Вардар.