Вардар пак разочара, пораз од Рига на Градски! (ВИДЕО)
Натпреварот почна мирно, се играше меѓу двата шеснаесетника до 13. минута кога Гало ја погоди пречката. Вардар имаше среќа.
Во 28. минута Кастенада постигна мајсторски гол за водство на Вардар од 1-0.
Но, предноста на вардарци не траеше долго, само седум минути подоцна, голманот Талески направи голем кикс, Гало реализираше за израмнување на 1-1.
Во 39. минута се случи комплетен пресврт, Иаго Сикера даде гол за водство на Рига од 2-1. Со тој резултат заврши првото полувреме.
Со стартот на вториот дел Вардар тргна поофанзивно во потрага по погодок, таквата иницијатива вроди со плод во 66. минута кога нововлезениот Закариќ убаво нафрли до Родригез, а тој реализираше со глава за израмнување на 2-2.
Во 74. минута Вардар пропушти голема шанса повторно да поведе. Јанкулов нафрли во петерецот, а Омерагиќ и Маневски не се снајдоа, двајцата беа во одлични позиции, но не ја сместија топката во мрежата.
Казната стигна во 81. минута кога одбраната на Вардар пак не беше на висина на задачата, Региналдо Рамирез постигна гол за победа на Рига од 3-2.
Слично како и против КуПС, Вардар со негатива ќе отпатува и во Летонија. Мечот против Рига е во вторник на 28. јули од 19 часот.







