Жестоки критики од Ристовски за навивачите на Вардар: Исчезнува почитта кон историјата (ФОТО)
Натпреварот беше од второто квалификациско коло за Конференциската лига, но не беше само обичен дуел бидејќи Вардар денеска го прослави својот 79. роденден. И покрај тоа на трибините имаше само 2-3.000 гледачи од кои најголем број на западната трибина каде се стационирани „Комити“. Навивачите пропуштија голема можност заедно да го одбележат денот кога е формиран Вардар, а токму тоа најмногу му пречи на Ристовски.
„79 години традиција. 79 години име кое оставило трага во македонскиот фудбал. А денес? Наместо стадионот да биде полн барем од почит кон клубот и неговиот роденден, повторно повеќе ги има тие што бараат маани отколку тие што даваат поддршка. Секогаш нешто не чини – управата, играчите, резултатите, цената на билетот, терминот... изговорите никогаш не недостасуваат. Само луѓето на трибините ги нема.
Најтажно од сѐ не е што има празни седишта. Најтажно е што полека ја губиме културата на фудбалот. Заборавивме дека клубовите не се сакаат само кога освојуваат трофеи. Не се сакаат само кога победуваат. Не се сакаат само кога сѐ е совршено. Тие се поддржуваат и кога е тешко, затоа што токму тогаш поддршката има најголема вредност.
Денес не требаше да се слават само 79 години од постоењето на Вардар. Денес требаше да се покаже почит кон една институција на македонскиот фудбал. Наместо тоа, повторно најгласни беа оние што натпреварот го следат од телефон и подоцна ќе објаснуваат што требало да се направи.
А потоа сите ќе се прашуваме зошто фудбалот во Македонија пропаѓа. Не пропаѓа само поради резултатите или организацијата. Пропаѓа затоа што полека исчезнува чувството дека клубот е повеќе од 90 минути. Исчезнува навиката да се биде на трибина.
Исчезнува почитта кон историјата. А без тоа, нема ниту атмосфера, ниту традиција, ниту иднина“, напиша искусниот бек на социјалните мрежи.
