Чупиќ: Суперкупот е друга приказна, очекувам полна сала и ракометен спектакл

Вечерва од 19 часот официјално почнува сезоната во македонскиот клупски ракомет, со дуелот во Суперкупот, меѓу Пелистер и Вардар.

Мечот ќе се игра во Кавадарци, а „црвено-црните“ од Скопје ќе се обидат со трофеј да ја почнат сезоната откако минатата ја завршија трагично, со пораз на домашен терен од битолскиот ривал кој „пред нос“ им ја однесе шампионската титула. Во меѓувреме Вардар го смени тренерот, на клупата е играчката легенда на клубот Иван Чупиќ кој вечерва ќе дебитира на официјален натпревар и очекува  успех на неговиот тим.

„Имавме малку време да се рекуперираме, а во последно време игравме многу и немавме доволно тренинг, плус се мачиме со повреди. Но, што е тука е – знаеме дека мораме и можеме подобро. Сакам играчите да бидат целосно фокусирани на своите задачи, без притисок и алиби. Играчот што носи дрес на Вардар мора да знае дека тоа е привилегија и обврска. Го почитуваме Пелистер како актуелен шампион, но очекувам поагресивен и подисциплиниран Вардар. Денешниот меч е сосема различен од пријателските – тоа е борба за трофеј, пред полна сала и сигурен сум дека ќе видиме вистински ракометен спектакл“, рече Чупиќ во најавата за Суперкупот.

Вардар и Пелистер последен пат се сретнаа во Суперкупот на Македонија пред две години во Струмица и тогаш славеа „црвено-црните“ со 30-26. Сепак, во текот на подготовките пред почетокот на оваа сезона, големите ривали се сретнаа два пати и на двата славеше битолскиот тим.