Тренерот на Данди откри детали за повредата на Трапановски

Селекторот на Македонија, Благоја Милевски при денешното објавување на списокот повикани фудбалери за натпреварите со Ерменија и Летонија извести дека Кристијан Трапановски е надвор од составот за овие два дуели поради повреда.

Детали за повредата која Трапановски ја заработи на тренингот на Данди откри тренерот на шкотскиот тим Џим Гудвин.

Македонскиот фудбалер се здобил со истегнување на тетивата и се очекува да се врати за најмногу четири недели.

„Нема да го имаме на располагање Трапановски за викендот, тој ќе биде надвор од терените уште три или четири недели. Минатата недела ја повреди тетивата на еден од тренинзите. Мислевме дека брзо ќе биде се во ред, но скенирањата покажаа благо истенување на тетивата поради што ќе мора да паузира три или четири недели“, изјави Гудвин.

Македонија против Летонија ќе се соочи на 10 октомври во Рига, а ќе гостуваме и на Ерменија три дена подоцна во Ереван.