Домино-ефект: ФФМ остана без голем спонзор, ги чека ли истото Иџе, КФМ и Чаир?!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска остана без еден од големите спонзори кои придонесуваа за развој на овој спорт, откако до нив било доставено известување за раскин на договорот од Државна Видеолотарија на Македонија (ВЛТ), објави денеска телевизијата „ТВ 21“.

Причина за ова е фактот што давателот на спонзорството пред неколку дена остана без лиценцата за работа преку интернет, што дефинитивно ќе предизвика промени во финансискиот план на компанијата. Компанијата завчера писмено ја известила Куќата на фудбалот за ваквата одлука со отказен рок од три дена.

Одземањето на лиценцата може да влијае и врз другите спонзорства на ВЛТ, која изминативе години помагаше повеќе федерации, спортисти и клубови. Меѓу тие што најсилно би го осетиле ударот во случај на домино-ефект би бил автомобилистичкиот шампион Игор Стефановски-Иџе, Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), како и ракометниот тим ЖРК Чаир, скијачкиот клуб Работнички и уште неколку други.