Горан Пандев донирал средства за болницата во Струмица

Горан Пандев не се пофали, но и покрај тоа излезе на површина веста дека дал донација на адреса на болницата во Струмица.

Како што известува порталот дрнка.мк, капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија тивко донирал средства, со цел да му помогне на медицинскиот персонал од својот роден град.

„Точно е дека деновиве донираше и Горан Пандев. Неблагодарно е да споменувам износи, но би сакал да упатам благодарност како до него така и до останатите правни и физички лица. Парите ќе бидат искористени за набавка на скафандери, заштитни маски, ракавици според стандардите на СЗО, за да бидат заштитени здравствените работници, кои се првата борбена линија и најмногу се изложени на ризикот да бидат заразени“, потврдува за дрнка.мк директорот на болницата, Наќе Гогов.

Ова е уште една од, засега, ретките донации од македонските спортисти. Претходно и Пандев и целата репрезентација, заедно со стручниот штаб, донираа 30.000 евра за македонскиот фонд за здравство, а имаше и неколку поединци кои направија сличен гест за своите родни места. Исто така, ракометарот на Еурофарм Пелистер, Горан Кузманоски, покрена иницијатива #спортистипротивкорона која, засега, ја поддржаа неколку спортисти, главно ракометари.