Барди ја заврши сезоната во Шпанија со пораз! (ВИДЕО)

Екипата на Леванте ја заврши сезоната во Ла Лига со пораз од Селта Виго на гости, со 2-4. Енис Барди натпреварот го почна на клупата, но доби шанса во финишот.

Серијата од пет победи заврши, па Леванте со пораз мора да се прости од успешната сезона во Ла Лига. Откако обезбеди опстанок немаше императив за бодови, но немаше ниту нивниот домаќин Селта, но одигра подобро и триумфира во еден отворен и офанзивен меч. 

Иако Леванте поведе со голот на Рочина уште во 12. минута, до крајот на првото полувреме Селта направи пресврт преку Гомез и Аспас. Следуваа уште по еден гол на истите играчи на почетокот на вториот дел, па предноста веќе стана недостижна, 4-1. 

Барди влезе во игра во 75. минута, а само една претходно Моралес погоди за 4-2, резултат кој остана и конечен. Леванте ја оствари целта за првата сезона по враќањето во Примера и заврши на 15. место, со 46 бода, дури 17 повеќе од зоната за испаѓање. Селта на 11. позиција со три бода повеќе.

Македонскиот репрезентативец, пак, во својата дебитантска сезона во шпанскиот фудбал запиша остварување од девет гола (пет од слободен удар) на 26 натпревари, од кои на 16 беше стартер.