Сопругата на Колашинац избега од Лондон: Немам намера повеќе да се вратам таму!

Хоророт што Сеад Колашинац и Месут Озил го доживеаа пред три недели, после нападот од разбојници пред еден ресторан, сега продолжува со голем скандал, откако нови двајца криминалци биле уапсени пред куќата на германската ѕвезда, па Арсенал им ангажирал дополнително обезбедување пред нивните куќи.

Но, сета оваа случка, која нималку не е наивна зашто арсеналовиот двоец практично влегол во „војна“ со криминална банда веќе се одразува на семејствата. А, прва што потегна нога е сопругата на Босанецот Колашинац. Таа веќе си заминала од Лондон и најавила дека повеќе нема намера да се враќа.

„Сопругата на Колашинац е толку уплашена, што веднаш избега за Германија. Таа е родена во Босна, ама веќе порачала дека за жива глава не се враќа повеќе во Лондон“, пишува „Сан“ повикувајќи се на извори од Арсенал.

Сето ова доаѓа, откако по некои канали, криминалците упатиле порака до Колашинац дека ќе му земат сѐ, што било и искрата за реакцијата на сопругата на Босанецот.

„Ќе ти земеме сѐ, не само часовникот“, била упатената порака.

Хоророт започнал кога двајца разбојници на мотор го следеле арсеналовиот двоец уште од пред куќата на Озил, кога бил и првиот инцидент, а потоа главната збрка била пред ресторанот, кога Колашинац со голи раце успеал да ги избрка наоружаните со ножеви криминалци. Босанецот стана херој кај навивачите на Арсенал, а според информациите тој бил мета на нападот, а не како што првично беше објавено Озил.

„Сите мислеа дека скапоцениот часовник е причина за обидот за грабеж, ама на играчите им е порачано дека крадците сакаат сѐ што имаат, од нив. Криминалците сакаат да покажат дека не им е страв воопшто“, додава британскиот таблоид.

Озил и Колашинац не играа на вчерашниот меч во Њукасл од безбедносни причини, но сега Арсенал е во голем проблем, зашто двајцата после ваков инцидент и зголемена безбедност може да решат и да си заминат во јануари, ако ситуацијата не се подобри.