„Се откажав од фудбалот, бидејќи повеќе сакам пиво и скара“!

Еден од поконтроверзните италијански напаѓачи во последниве години, Даниел Пабло Освалдо, во интервју за „Газета дело спорт“ открива зошто ја заврши кариерата, иако има само 31 година.

Италијанскиот репрезентативец, роден во Аргентина, последно беше член на Бока јуниорс, но одигра само три натпревара и реши да стави крај на кариерата. 

„Решив да ја напуштам Бока, бидејќи имаше премногу трачеви. Не можев да излегувам, се плашев од луѓето и не можев повеќе да го трпам тоа. Имав понуди од Кина и од екипи кои играат во Лигата на шампионите, но бев заситен. Почнав да го мразам она што секогаш сум го сакал. Фудбалот заслужува респект, а јас повеќе сакав пиво и скара“, си призна Освалдо.

Тој и во текот на кариерата беше познат како човек кој љуби да се забавува и кој не почитува многу правила надвор од теренот. Знаејќи го каков е, сакал да го ангажира Хорхе Сампаоли, актуелниот аргентински селектор, уште кога беше тренер на Севилја.

„Дали сакате да се насмеете? Во декември 2016 година, Сампаоли ме контактираше, во тоа време беше во Севилја. Ми рече: ‘Дани, ништо не барам од тебе, можеш да правиш што ќе посакаш на теренот и надвор од него, но ми треба напаѓач’. Му одговорив: ‘Но, шефе, наскоро доаѓа Косквин рок фестивалот’. Тој врати: ‘А да, заборавив на тоа, треба да одиш’. Ние сме двајца луди луѓе“, вели Освалдо.

Додаде дека сфаќа колку е тешко да играш на врвно ниво дури сега, откако го напуштил фудбалот, но дека не му недостига.

„Играв во важни клубови и освојував првенства. Во време кога тоа не го сфаќав здраво за готово. Денес ја разбирам таа важност, но не ми недостига. Верувајте ми“, изјави напаѓачот кој во кариерата смени повеќе клубови.

Играше во Јувентус, Интер, Рома, Фиорентина, дури и во Премиерлигата, во Саутемптон.