Не било мајтап: „Филип Втори“ и официјално преименуван во Арена „Тоше Проески“!
Оваа информација утринава беше потврдена од владиниот портпарол Миле Бошњаковски, откако таква одлука била донесена на седница на Владата. Со ова само се потврдија најавите дека најголемиот спортски објект во државата ќе го носи името на прерано починатата пејачка ѕвезда.
„Одлуката за преименување на арената е донесена во чест на личноста која остави траен белег на македонската и регионалната современа историја“, напиша меѓу другото Бошњаковски.
Најавата за една вакво решение за преименувањето на Арената донесе бурна реакција во спортските кругови, во кои прво се помисли дека станува збор за мајтап бидејќи беше објавена на 1 април, денот на шегата. Но, не било така, па допрва ќе чекаме објаснување зошто поранешниот Градски стадион не го доби името на спортски легенди како Кирил Симоновски-Џина, Петар Милошевски или Илеш Шпиц.