Ама ич не ве бидува за кумство!
НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ
Најголемиот македонски стадион, за скопјани и за цела Македонија познат како Градски, а од пред една деценија Арена „Филип Втори“, во иднина, со одлука на Владата, ќе го носи името на најпопуларниот македонски пејач и ќе се вика Арена „Тоше Проески“.
Промената се случи на 1 април, ден познат по шегата, па во спортските кругови сите прво помислија дека е мајтап. Ама не било така... Вистина било! Човек да не поверува како баш изборот паднал на нашиот најпопуларен пејач, а тој ги победил во конкуренцијата фудбалските имиња на легендите Кирил Симоновски – Џина и Петар Милошевски или враќањето на секогаш омиленото име – Градски стадион.
Одговор(и) за најновиот владин „спектакл“ допрва ќе следат со образложение како најголемиот македонски пејач успеа да победи во конкуренција со големи фудбалски имиња за име на објект, кој исклучиво има спортска намена и за тоа е изграден. Може само да претпоставиме како течела седницата за преименувањето, ден пред денешното доаѓање на грчкиот премиер Алексис Ципрас, историско прво на еден премиер од јужниот сосед. Па итно требало да се тргне античкото „Филип Втори“ и да се прекрсти скопската убавица.
Се консултирале мислења, се дебатирало, советниците советувале и на крајот прикаската завршила со изборот на македонската музичка легенда. Веројатно во недостаток на аргументи, дебатата течела штуро, се нафрлале предлозите, се мислело и на крај - се пресекло комично:
„Ајде да се врати Градски“? Не...
„Па, тогаш што му фали на Џина“? Па не знаеме...
„А, да биде Петар“? Шознам...
„Зошто да не е „Тоше Проески“? Па од изградбата, само тој го има наполнето!
„МОЖЕ! Најдобро решение, никој нема да се буни!“
На почеток веднаш да се разбереме - Тоше Проески е најголемо музичко име кое го има Македонија и заслужува да добие објект(и) во негова чест низ целата земја. Нема ништо спорно во негова чест да бидат именувани улици, плоштади, концертни сали.. Тоа е најмалку што една држава може да направи за човек чиј ангелски глас, харизма, популарност и музика може да ја добие. Тоше по трагичната смрт повеќе од деценија ѝ недостига на Македонија, на народот со своите песни, на спортистите со својата поддршка (негова е неофицијалната спортска химна). Ама каква врска има Тоше со најголемиот наш стадион, за истиот да биде именуван по него? Врската на Тоше и Градски е незаборавниот концерт непосредно пред трагичната смрт во сообраќајна несреќа во Хрватска. И неговото често присуство на фудбалските мечеви во старата ложа од сега модернизираниот и разубавен стадион, кој не дочека да го види и повторно да го наполни.
Ако преименувањето во чест на најголемиот македонски пејач е затоа што го наполнил стадионот со свој концерт, таа одлуката е ужасно лоша, па дури и - очајна. По таа логика стадионот можел да се вика и Цеца, па и Жељко Јоксимовиќ, кои во ова дводецениско турбофолк лудило исто така го полнеле стадионот... Само што стадионот си има своја основна намена, а него добро го полнеа и Вардар, па и македонската репрезентација (Србија и Хрватска), го наполнија и Реал Мадрид и Манчестер јунајтед со Суперкупот во август 2017. Чудно што на „советниците“ не им падна на ум и идејата за име Арена „Суперкуп 2017“. Ако веќе одиме по логиката кој сè го наполнил најголемиот наш стадион?
Кога се тргнува во изградба на фудбалски стадион, намената е за фудбал и спорт, а не за музика? Нормално е на големите стадиони да има грандиозни концерти, ама сепак, фудбалот е приоритетен. Сигурно Градски не е концертна Арена, туку е фудбалски храм. Тоа значи дека во најмала рака ако се избегнало враќањето на старото име Градски, тогаш стадионот треба да носи име на спортска или фудбалска легенда, а не војсководец, пејач, политичар... Едвај ја подголтнавме антиквизацијата пред повеќе од деценија, откако му залепија име „Филип Втори“, кое ама немаше баш никаква врска ни со фудбал, ни со спорт, па сега истата таа ќе носи име на славен пејач.
Туку, со спортските легенди ние како држава што правиме? Ако човек прочепка по имињата на спортските објекти и стадиони, тешко дека ќе најде барем едно име на признато и познато спортско или фудбалско име. Имаме спортски арени исклучиво по историски личности (Борис Трајковски, Јане Сандански, Гоце Делчев...), па делува како Македонија да немала спортска легенда. Странец прво што би помислил е дали Македонија има спортско име со кое може да се пофали и кое заслужило да добие објект во своја чест? За наша среќа имаме многу што се признати и познати, на Балканот, ама и во Европа и светот. Само за жал очигледно – сами си ги отфрламе и не ги почитуваме. Некако (не)свесно ги забораваме. А, нели спортот и спортистите се најдобрите амбасадори на земјата. Затоа и не е ни чудо што спортот со години ни е на маргините, кога сами не сакаме или одбиваме да им оддадеме почит на спортските легенди и херои од минатото.
Целиот овој циркус ќе беше многу едноставно ако вчера Арената добиеше име Градски стадион (Skopje city stadium) или добиеше име по едно од најголемите фудбалски имиња Кирил Симоновски – Џина, ако политичарите воопшто и знаат која е оваа легенда. Или пак Арената да беше крстена по човекот кого Скопје го спаси од сигурна смрт во логорите на смртта во Втората светска војна, а тој душата во буквална смисла ја остави на овој стадион, во старите соблекувални – Илеш Шпиц. Или да беше Петар Милошевски, фудбалско име и презиме од најблиското минато, голманот кој загина во трагична сообраќајна несреќа и кој беше почитуван од сите и во земјава и во странство.
Арно ама, во држава каде што политиката е главна во сè, прашање ќе биде на време кога некоја идна Влада во некое идно време не направи нов циркус со преименувања. Време беше еднаш за секогаш да се постави ред, за секој што оставил неизбришлив белег во одреден сегмент да му биде оддадено признание. Спортските легенди на спортските објекти, музичките имиња на музичките објекти, историските личности во градски и државни објекти...
Затоа и човек само може да претпостави каква трагикомедија би било и на што би личело ако Универзална сала или некоја друга концертна Арена биле добиле име на фудбалска (спортска) легенда. На пример - Концертна или Универзална сала „Кирил Симоновски – Џина“? Македонија им е должна на своите спортски (фудбалски) легенди да им даде објекти со нивно име - во нивна чест!
Арената беше првата шанса и тој пенал уште на старт - го утнавте!