Лудница: Иранците наместо судијка гледале – панорама од Лондон (ФОТО)

Дербито помеѓу Тотнем и Манчестер јунајтед кое се играше викендов во Лондон, а победија „црвените ѓаволи“ не секаде го гледаа комплетно, па така во Иран гледачите не ни имаа поим дека на мечот имало женски судија како аутрихтер.

Сиан Масеј-Елис е најдобрата женска судиска помошничка, па беше дел од дербито во последното премиерлигашко коло и нормално си беше облечена како за судија, со тоа што сите во кадрите можеа да и ги видат колената и мал дел од бутот кој беше откриен.

Арно ама и вакво нешто во Иран е проблематично поради тамошните шеријатски закони, па во оваа исламска република, гледачите ниту еднаш не ја виделе помошничката на мечот. Причината е што иранската телевизија секој кадар, а ги имало вкупно стотина од Сиан, ги заменувале со панорама од дрон над стадионот од Лондон или кадри од лондонските улици.

Во Иран од 1979 година и исламската револуција жените мора да носат хиџаб во јавност, а пред две години им е дозволен влез на стадионите и тоа под притисок на ФИФА со закана за суспензија на иранската федерација.

Во Иран не е првпат да се цензурира нешто поврзано со европскиот фудбал, па еднаш дури го замаглуваа и грбот на калчолигашот Рома поради симболот на волчицата која ги храни Ромул и Рем.