Англиски и италијански навивачи договорија дуел во Неапол, ама закани им го – одложија!

Англиски и италијански навивачи договориле ревијална фудбалска средба како најава за спектаклот и репризата од финалето од Еуро 2020 во Неапол, помеѓу европскиот првак и вицепрвак на стартот од евроквалификациите за ЕП 2024, ама пријателската средба е откажана поради – закани по безбедноста.

Групата „Енгланд Фанс ФЦ“, која го договорила мечот со Италијанците добила заканувачка порака на и-мејл во која „60-на ултраси на Наполи доаѓаат по нив и дека само еднаш предупредуваат“. Англичаните веднаш го препратиле мејлот кај италијанските власти, а по кратка консултација било решено дека е најдобро од безбедносни причини да нема таков навивачки ревијален меч.

„А, што можев друго? Морав да го препратам и-мејлот и брзо ме известија дека мечот е откажан. Не е исправно да пратите 100 полицајци да ве чуваат од 60-на дивјаци, кои ќе се обидат да нѐ нападнат. Ние сме англиски навивачи за кои не треба полициско обезбедување, сакавме само забава. Ќе ја оставиме за реваншот“, рекол организаторот Графорд Бек, кој има 60 години.

Неапол минатата недела беше сведок на улична војна со доаѓањето на ултрасите на Ајнтрахт, а во четврток е најавено доаѓање на 2.500 навивачи од Островот, па јужна Италија е во „вонредна состојба“, зашто наполитанските навивачи им организираат жесток пречек и насилствата по улиците не се исклучени.

Италијанските и англиските навивачи уште од 80-те години се во голем конфликт, а нетрпеливоста го донесе и „Хејсел“.