Милан падна по 22 натпревари: Наполи трет пат по ред слави на „Сан Сиро“ (ВИДЕО)
Гостите славеа на „Сан Сиро“ со 2-1, а тоа трета победа по ред на „наполитанците“ на овој стадион, а прв пораз на „росонерите“ по 22 натпревари во калчото.
По првото полувреме во кое Милан доминираше и имаше две огромни шанси преку Оливие Жиру и Раде Круниќ, вистинските возбудувања беа во вториот. Квича Кварацкелија покажа дека е тежок за чување, па Серџињо Дест кратко откако влезе во игра направи пенал. Матео Политано беше прецизен од белата точка во 55.минута.
Милан одговори во 69.минута по една прекрасна акција, кога Тео Ернандез му асистираше на Оливие Жиру за 1-1. И покрај притисокот на Милан, Џовани Симеоне во 78.минута со глава го матираше Мајк Мењо за 1-2. Домашниот тим беше многу близу до израмнување во 86.минута, кога Пјер Калулу ја задрма пречката од голот на Алекс Мерет.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас влезе во игра во 86.минута од натпреварот.
Наполи сега го дели врвот на табелата со Аталанта со по 17 бодови, Милан падна на 5.позиција со 14 бодови.