Муслиу: Желбата да играш за репрезентација е поголема од таа за одмор!

Македонскиот репрезентативен стопер Висар Муслиу посочи на овие подготовки за напорните десет дена што ја очекуваат националната селекција со четири меча во десет дена дека желбата да се игра за репрезентацијата е поголема од одмор и дека сите се максимално сконцентрирани на предизвиците, а не на паузата после напорната сезона.

Македонија тргнува во четврток од Разград против Бугарија во нов предизвик во третата сезона во Лигата на нации, па сите очекувања се на нов успешен и победнички старт и настап на црвено-жолтите.

„Желбата да играш за репрезентација е поголема од одмор, така што сто отсто сум сигурен дека ќе бидеме максимално концентрирани на тренинзите и на мечевите. Селекторот верува во нашите квалитети, а тоа нам ни влева самодоверба. Ние докажавме дека знаеме да победуваме, сега гледаме напред на секој следен меч, а тој следен меч е шанса за нова историја која треба да продолжиме да ја пишуваме“, вели Муслиу.

Стоперот кој играше за германски Инглштад во пролетниот дел од сезоната очекува победнички почеток и успешна кампања во Лига на нации.

„Нормално е да има освежувања во тимот, секој пат е потребно такво нешто. Ние после сѐ што поминавме во март, очекуваме да направиме уште подобри резултати, а тоа значи да сме први и победнички да ја почнеме оваа Лига на нации“, посочува Муслиу.