„Македонија ќе ни биде инспирација за Украина да оди на Мундијалот во Катар“

Поради повеќе од двомесечната руска агресија, Украина идниот месец ќе се бори за последното европско место на Светското првенство во Катар, прво со полуфиналното гостување во Шкотска, а потоа евентуалното финале со Велс во периодот од 1 до 5 јуни.

И ако Украинците пред војната можеби важеа и за фаворити, прекинот на фудбалот и фактот само дека интернационалците се во вистински фудбалски ритам, сериозно ги намалија шансите, па според еден од најпознатите тренери и стручњаци на Украина, Олег Федорчук оваа земја ќе се обиде со „македонска инспирација“ да стигне до Мундијалот.

„Единствено добро во ситуацијата е што имаме шест до осум 'легионери' кои играат во странство и тоа добро – Зинченко, Малиновски, Зубков, Јаремчук, Собол, Коваленко, Јармоленко и Миколенко. Но, 60-70 отсто од репрезентативците не се во ритам, но треба да се надеваме и да веруваме. Во еден меч сѐ може да се случи, но сепак нашите шанси се далеку помали во однос на тоа пред да почне војната. Тешко е да одржиш форма кога немаш првенство. Ама, без оглед што шансите се намалени, ништо не е невозможно во фудбалот. И Македонија ни е најдобар пример и инспирација. Сите видовме што се случи во Италија, никој не очекуваше такво нешто, најмалку Италијанците. И јас се надевам дека можеме како Македонија да победиме, да го изодиме нивниот пат“, вели Федорчук.