Шампионот МЗТ со две добри четвртини го освои Кавадарци

МЗТ Скопје стигна до втората сезонска победа во рамки на 3.коло во кошаркарската Прва лига откако вечерва славеше на гостувањето кај Еуро Никел со 69-75.

По една неизвесна прва четвртина во која двата тима се менуваа во водството, МЗТ заигра многу подобро во продолжението. Со серија од 10-0 актуелниот шампион ја направи првата опиплива предност или 19-29, за потоа водството да биде и највисоки +13. На полувремето резултатот беше 32-42 за МЗТ Скопје.

Скопјани одиграа очајна трета четвртина во која постигнаа само седум поени, а кавадарчани се вратија во водство и ја завршија третата четвртина со 50-49. Исто како и во вториот период, така и во последните 10 минути, МЗТ имаше серија од 9-0 со која повторно се врати во водство, кое го одржуваше до самиот крај за конечни 69-75.

Дамјан Стојановски со 18 поени беше играч на натпреварот кај победничкиот состав, додека Џонатан Дејвис со 13 поени најмногу се истакна кај домашниот тим.