Повредата на Адеми не е сериозна, но нема да игра против Риека, а виси и за Рапид!

Повредата на македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, кој во 29-та минута излезе од теренот на мечот Македонија – Германија, не е сериозна, ама фудбалерот за врска нема да го игра дербито со Риека викендов, а според последните информации од Хрватска „виси“ и за мечот идната недела со Рапид Виена во Лига Европа.

Адеми се повреди по 25 минути откако на неговата нога по еден дуел падна Каи Хаверц, фудбалерот на Челси, па иако македонскиот репрезентативец се обиде да продолжи, три минути потоа го напушти теренот. Првите оценки се дека повредата не е страшна, ама ќе следат детални прегледи за да се утврди степенот и да се знае за колку време може да биде оспособен.

Хрватските медиуми веќе објавија од информации од лекарскиот тим на „модрите“ дека Адеми сигурно нема да игра против Риека во дербито во ХНЛ, но дека „виси“ и за пресметката во Лига Европа, ама дека лекарскиот тим ќе направи сѐ за да го оспособи за една недела. Во моментов веќе ја започнал рехабилитациската програма, ама не може да тренира и најголемиот страв во моментов во Загреб е кога би можел и дали би можел до идната недела да се врати во погон со тренинзи за да конкурира за настап во новиот евро-предизвик.

Адеми повеќе од еден месец сезонава веќе беше во аут, откако на крајот на јули го повреди бутниот мускул, па ги прескокна септемвриските мечеви во мундијалските квалификации, а сега откако се врати сѐ уште ровит после подолгата пауза, на меч за Македонија се повреди.