Метла за Еуро Никел: МЗТ Скопје осми пат е шампион на Македонија (ФОТО)
Ова е втора „метла“ по ред за „металците“ во пресметките за круната, по идентичната победа со 3-0 и пред две години во пресметката со Работнички, додека лани немаше првак по прекинот на првенството поради пандемијата со коронавирусот. Слично како и на претходните два дуели, гостите имаа свои моменти и водство во првото полувреме, кога дојдоа до плус осум (39-31). Но, тоа беше сѐ што направија, со оглед што сино-белите од тој момент направија серија 25-7 со која солидната негатива ја претворија во двоцифрена предност (56-46).
Домаќинот до крајот умешно ја одржуваше позитивата, иако под константен притисок на кавадарчани, кои во ниту еден момент не се предадоа. Поради тоа, кошаркарите на МЗТ во ниту еден момент не можеа да се опуштат, со оглед што во неколку наврати од плус 12 многу брзо „паѓаа“ на само четири поени разлика. Но, на крајот пресуди подолгата клупа на „металците“, како и поголемото исксутво во вакви натпревари, па избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ релативно мирно го приведоа мечот до крај, по што следеше – еуфорична радост.
Точка на триумфот стави Андреј Магдевски со тројката на 90 секунди до крајот на 87-78, како круна на уште една фантастична партија. Бекот на сино-белите средбата ја заврши како најефикасен со 21 поен и пет скокови, а зад него беа Бојан Крстевски со 16 поени, сите во првото полувреме и Феми Олуџоби со 12 поени. Никола Караколев постигна 16 поени за гостите од Кавадарци, колку што имаше и Роберт Рикиќ со 12 скока.
Најтрофеен тим останува Работничи со 15 титули, но ова е осма шампионска круна за МЗТ во последните десет првенства.