За да не чекате од ФФМ: Купете си билет за Македонија на ЕП - онлајн! (ФОТО)

Историското деби на Македонија на Европското првенство (ЕП) годинава предизвика огромен интерес кај навивачите на жолто-црвената селекција, кои потоа беа шокирани од информацијата дека само 1.700 билети ќе бидат достапни преку ФФМ за нашите средби во Букурешт и Амстердам.

Но, официјалниот канал преку Куќата на фудбалот, кој е исклучително ригорозен и зависи од добрата волја на фотелјашите, не е единствен начин да се дојде до влезница на дуелите на Македонија против Австрија, Украина (двете во Букурешт) и против Холандија од првата фаза на континенталниот собир. Билети може да се купат и онлајн, преку интернет-страницата за продажба на билети за Евро 2021, по нешто повисока цена од тие што би можеле да се добијат преку ФФМ. Влезниците од трета категорија преку нашата федерација чинат 30 евра, додека онлајн тие изнесуваат околу 45 евра, што и не е преголема разлика. Предноста на овие онлајн-влезници е што не треба да се пријавите кај „Билјана од ФФМ“, која ќе треба да ви испрати код за купување ако ви одобрат нејзините претпоставени, туку ги добивате веднаш што платите со дебитна или кредитна картичка.

Количина билети кои може да се купат преку овој сајт се ограничени, поради што сите заинтересирани мора да побрзаат за да дојдат до драгоценото парче хартија.