
Раскинот на договорот со Суарез ќе ја чини Барса – 14 милиони евра!
Суарез е на излезна врата од „Камп Ноу“, откако новиот тренер Роналд Куман му соопштил на популарниот „ел пистолеро“ дека не смета повеќе на него, како и на Артуро Видал, чилеанската ѕвезда од средниот ред. Но, Суарез раскинот на договорот не го прифаќа спогодбено, па остава да решат Каталонците што ќе прават со него.
Уругваецот има уште една година договор, а ако Барселона еднострано му го раскине договорот, когаш во компензација ќе мора да му плати 14 милиони евра, што посебно му одговара на Суарез, зашто така ем ќе го наполни џебот, ем ќе стане слободен играч. Има втора опција, Барселона за ситни пари да го продаде летово, што би значело ем да заработи, ем да не го исплаќа Суарез, туку тој да си договори нови лични услови со новиот клуб.
Суарез дојде во Барса во 2014 година од Ливерпул и на 283 меча даде 198 гола со што се најде на третото место на вечната листа на стрелци зад недопирливиот Лионел Меси и Цезар Родригез Алварез.