Црвена звезда не сака да игра против хрватски тим во квалификациите за ЛШ!

Српскиот шампион Црвена звезда на утрешната ждрепка ќе го дознае својот ривал во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите, а генералниот директор Звездан Терзиќ веќе има желби и тоа во делот со кого не сака да се паднат.

Тој смета дека најдобро за сите би било црвено-белите да го избегнат шампионот на Хрватска.

„Би сакал да ја избегнеме Ријека и тоа поради политичките тензии што сигурно ќе се појават, па целиот фокус ќе се тргне од фудбалот, а ние сме тука заради тоа. Не би сакал да играме против хрватски претставници“, изјави Терзиќ, додавајќи дека и кипарскиот Пафос не е посакуван ривал поради неговата интернационална структура и квалитет.

На утрешната ждрепкаќе бидат извлечени и паровите за првото коло, што значи дека Црвена Звезда теоретски би можела да го чека исходот од еден двомеч за да го дознае својот противник. Натпреварите од второто коло се закажани за 23/24 и 30/31 јули, додека првото коло ќе се игра на 9/10 и 16/17 јули.

Освен Звезда, во втората рунда директно се пласирани и Ријека (Хрватска) и Пафос (Кипар), кои би можеле да бидат потенцијални ривали на српскиот шампион, како и македонскиот првак Шкендија ако успее да ја мине првата пречка против ривал кој ќе го дознае утре.