Кумани во бојкот: Сомнителни ни се поразите и затоа треба да си одите! (ФОТО)
Според нив, поразите од почетокот на сезоната се крајно сомнителни, што резултира со истакнување транспарент против претседателот Божиновски на вчерашниот дуел со Карпош Соколи, кој заврши со триумф на противникот.
„Оваа одлука е донесена поради несоодветно водење на клубот и катастрофалните порази што доведуваат до сомнеж кај кумановската публика. Како на пример првиот натпревар против КК Левски, водевме 20 разлика и за пет минути загубивме. Исто и со КК Работнички, целиот натпревар воедевме и на крајот нерешено. Дали тука нешто е сомнително? Исто така именуваниот господин нема никакво искуство со кошарката или било кој спорт. Кумановскиот народ сака полна сала, добри резултати, но со ваков претседател одиме во пропас. Ние не профитираме од овој клуб, ние живееме за КК Куманово и нема да дозволиме некој да си игра со нашие емоции. Ако му мисли добро на клубот под итно да си даде оставка и да дојде некој кој навистина се разбира и да го мрдне клубот од мртва точка“ стои во соопштението на навивачката група Кумани.
Неофицијално, револтот се појавил поради недобивањето на бесплатните билети за средбата со „соколи“, што претходно било пракса за навивачката група.Исто така, сомнителниот дел со резултатите е поради големите пресврти кои противниците во неколку наврати ги прават во дуелите со кумановци, што асоцираат на некакви „црни сценарија“ со обложувачниците.
Веднаш по соопштението со своја реакција се јави и прозваниот Божиновски, кој воедно е и претставник на клубот во Здружението на прволигаши.
„Целосна инсинуација се наводите дека причината за нивното недоаѓање е тоа што Куманово има лоши резултати и моето неискуство во спортот од причина што во изминатите сезони сме имале и подобри и полоши почетоци на сезоната па завршувал четири пати како финалист на разни натпреварувања. Јас раководам со клубот шест години, период кој е подолг отколку неколкуте момчиња што сега се претставуваат како водачи на групата воопшто биле членови на истата. Основна причина за ваквата нивна одлука е фактот што од клубот за секој домашен натпревар добиваат 'гратис' влезници за навивање, но на последните 5-6 натпревари присутни се 30-40 навивачи додека другите карти се препродаваат. Куманово како град е познато со децении наназад како кошаркарски центар на Македонија, град во кој вистинските љубители на кошарката доаѓаат на натпревари без никакви лукративни причини, туку напротив дури и му помагаат на клубот со целото свое знаење па дури и финансиски, луѓе од кои се додека ја имам подршката нема да отстапам пред вакви ефтини напади од личен интерес. Сосема на крајот, Куманово се сака и кога победува и кога губи“, се вели во реакцијата на првиот човек на Куманово.
Куманово по првите три кола во Првата лига има скор 1-2 додека во БИБЛ лигата има една победа и еден пораз.